Инвестиции во 2018


1. МОДЕРНИЗАЦИЈА И АВТОМАТИЗАЦИЈА НА ВРЕЛОВОДНИ КОТЛИ ВКСМ 20/1 И ВКСМ 20/2 ВО ТОПЛАНА ЗАПАД

  

Реализацијата на овaa инвестиција представува дел од долгорочната определба на компанијата за имплементација на систем за централизирано прибирање на податоци и управување со работата (SCADA) на подсистемите во ТО Исток и ТО Запад. Вреловодните котли се енергетските постројки во кои се произведува топлинска енергија и со автоматизацијата на котлите ВКСМ 20/1 и ВКСМ 20/2 во топлана Запад се продолжи имплементацијата на проектот за целосно автоматско управување и надзор на производните постројки во топланите.

Имплементацијата на проектот вклучи инсталација на управувачка и извршна опрема која што овозможи автономна и автоматска работа на вреловодните котли, а при тоа ја зголеми надежноста, сигурноста во работењето и ефикасноста на котелот. Со оваа инвестиција се изврши замена на целокупната мерно-регулациона опрема и електрични кабли кои се монтираа согласно стандардите за ваков вид инсталации.

Со модернизацијата и автоматизацијата на котлите ВКСМ 20/1 и ВКСМ 20/2 се овозможи:

– минимален удел на човечкиот фактор во управувањето со постројките а со тоа зголемување на сигурноста и безбедноста на процесот,

– подобрување на одржувањето од аспект на брза и ефикасна дефектажа,

– подобрување на ефикасност на котлите поради работа во оптимални работни режими,

 

Опремата за реализација на оваа инвестиција е набавена од реномираните фирми: Емерсон, Ендрес и Хаузер, Фабер, Гестра и други реномирани фирми, а пуштањето во работа е направено од страна на овластените сервисери на Саке.

 

2. ОСПОСОБУВАЊЕ НА КОТЛИТЕ ВКСМ 50/3 И ВКСМ 50/4 ЗА МОДЕРНИЗАЦИЈА И АВТОМАТИЗАЦИЈА

  

Досегашната опрема на котлите ВКСМ 50/3 и ВКСМ 50/4 не овозможуваше реализација на предвидената модернизација и автоматизација на котлите согласно идејниот проект. Како предуслов за тоа се наметна потребата од дислокација на постоечката опрема за управување со согорувањето (БМС) од командната соба кон горилниците. Тоа е првата фаза од инвестицијата со која ќе се постигне целосна автоматизација на котлите и управување и надзор преку постоечкиот СКАДА систем. За таа цел, набавени се нови електрични ормари со специјална изведба за локација непосредно до горилниците и поставени се нови кабли за поврзување на опремата на горилниците со соодветните контролни единици. Поставени се нови регали за кабли и нови кабли согласно стандардите за ваков тип опрема. Во рамките на инвестицијата се монтирани вентили за автоматско одмуљување на котлите, што исто така е предуслов за целосна автоматизација на котлите, а значително го унапредува досегашниот начин на работење на котлите. Исто така, направена е реконструкција на просторијата во која е сместена претходно набавената орпема за управување и надзор на технолошкиот процес согласно стандардите пропишани за ваков вид опрема.

 

Нововградената опрема овозможува:

– зголемување на доверливоста и безбедноста на котлите,

– припрема за целосна автоматизација на котлите,

– подобрување на условите за работа на непосредните извршители.

 

Со реализацијата на оваа инвестиција направена е делумна модернизација на котлите ВКСМ 50/3 и ВКСМ 50/4 и припрема за целосна модернизација и автоматизација на котлите што е предвидено да се реализира во наредните две години.

 

Опремата е набавена од реномираната германска фирма Саке која е производител на горилниците, германската фирма Фабер, Гестра и други реномирани фирми, а пуштањето во работа е направено од страна на овластените сервисери на Саке.

   

 

3. МОДЕРНИЗАЦИЈА И АВТОМАТИЗАЦИЈА НА СИСТЕМОТ ЗА ХЕМИСКА ПРИПРЕМА НА ВОДАТА (ХПВ)

  

Модернизацијата и автоматизација на системот за ХПВ е согласно изработениот идеен проект според кој овој клучен процес во производството на топлинска енергија е предвидено да се води целосно автоматски. Во првата фаза од реализацијата на оваа инвестиција е направена автоматизација на еден пар на јонски изменувачи за омекнување на водата, два песочни филтри и системот за припрема и дозирање на солен раствор. Освен вградувањето на нова арматура со соодветни погони и мерни инструменти, вградени се два уреди за континуирано мерење на тврдина на водата, транспортер за сол, силос за сол и посада за солен раствор. Се автоматизира и додавањето на сол во системот за ХПВ со што се отстрани потребата од тешка физичка активност на погонскиот персонал.

Во рамките на оваа инвестиција поставени се нови регали за кабли и нови кабли согласно стандардите за ваков тип опрема.

Со инвестицијата се овозможи автоматско функционирање на системот, намален е персоналот потребен за функционирање на овој процес, а влијанието од човечка грешка е сведено на минимум. Преку менување на технологијата на регенерација каде се користи солен раствор со постојана концентрација, се зголеми ефикасноста на процесот, бидејќи со помала количина на сол се прават поквалитетни регенерации на јонските изменувачи.

 

Реализацијата на оваа инвестиција овозможува:

– автоматско функционирање на системот за ХПВ,

– зголемување на ефикасноста и доверливоста на системот,

– намалување на трошоците за работа,

– подобрување на условите за работа на непосредните извршители.

Опремата за реализација на оваа инвестиција е набавена од реномираната германска фирма Сименс, Гебрудер Хеил, Буркерт, Данфос, српската фирма НС Концепт и други реномирани фирми, а пуштањето во работа е направено од страна на НС Концепт.

 

4. РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПУМПНАТА СТАНИЦА ВО ТОПЛАНА ИСТОК, МОДЕРНИЗАЦИЈА И ПРОШИРУВАЊЕ НА ПУМПНИОТ КАПАЦИТЕТ

  

Оваа инвестиција е реализирана во рамките на проектот за реконструкција, модернизација и зголемување на капацитетот на пумпната станица во топлана Исток. Целта е да се обезбедат услови за сигурно и доверливо работење на пумпите и обезбедување циркулација на водата низ котлите и дистрибутивната мрежа со зголемување на ефикасноста на пумпната станица.

Постоечките циркулациони пумпи се прилично амортизирани, со старост поголема од 30 години и со ниски коефициенти на корисно дејство во однос на современите типови пумпи. За некои од нив производителот одамна престанал да произведува резервни делови, така што во случај на дефект постоеше опасност истите да не може да се сервисираат. Во рамките на оваа инвестиција се заменети две стари циркулациони пумпи (бр. 7 од прв степен и од втор степен) со нови, кои се со поголем поголем капацитет и со висок коефициент на корисно дејство. Исто така, со цел квалитетна регулација и одржување на бараните параметри во дистрибутивната мрежа,  набавени се две директни едностепени циркулациони пумпи со проток од 600 м3/ч чиј капацитет се регулира преку фреквентни регулатори. На тој начин се овозможи континуирана промена на протокот на вода според моменталните потребите на дистрибутивната мрежа. Истовремено, се зголеми капацитетот на пумпната станица за дополнителни 1200 м3/ч.

Со реализацијата на оваа инвестиција се овозможи:

  • доверливо работење на пумпната станица во топлана Исток
  • зголемување на ефикасноста на пумпната станица во топлана Исток
  • зголемување на капацитетот на пумпната станица во топлана Исток
  • овозможување на рамномерно оптеретување на пумпната станица согласно потребите на дистрибутивната мрежа

 

Опремата за реализација на оваа инвестиција е набавена од реномираните производители КСБ, Данфос, Аума-Германија, АБО валве-Чешка, МИВ-Хрватска, замената на пумпите и арматурата е направена од страна на вработените и на фирмата Димче Бањарот, додека пуштањето во работа е направена од овластените сервисери на производителите на опремата.

 

5. НАБАВКА, МОНТАЖА И ПУШТАЊЕ ВО РАБОТА НА ДИЗЕЛ АГРЕГАТ ОД 130 кVА ЗА НАПОЈУВАЊЕ НА КРИТИЧНИТЕ ПОТРОШУВАЧИ ВО ТОПЛАНА ИСТОК

  

Оваа инвестиција се реализира заради обезбедување на доверливо резервно напојување со електрична енергија на критичните потрошувачи во топланата.

Постоечкиот дизел агрегат во топлана Исток беше од постар датум, недоверлив и со мала моќност што не овозможуваше напојување на сите критични потрошувачи во топланата со резервна електрична енергија. Ова особено дојде до израз по вградувањето на новата софистицирана опрема која за безбедно функционирање бара постојано резервно напојување. Исто така, на ова напојување се поврза и новата диктир пумпа со која се одржува постојан притисок во дистрибутивната мрежа, а предвидено е и поврзување на останати критични потрошувачи кои во иднина ќе се вградат: пумпата за напојување на противпожарните хидранти во топланата, централата за детекција на истекување на природен гас, противпожарната централа и сл.

Во рамките не инвестицијата се изработените нови регали за носење на каблите, нови кабли до критичните потрошувачи и опрема за нивно поврзување.

 

Со реализацијата на оваа инвестиција се овозможи:

– доверливо резервно напојување со електрична енергија на критичните потрошувачи во    топлана Исток

– реконструкција на електричната инсталација до критичните потрошувачи согласно стандардите за ваков тип работи

– зголемување на сигурноста и безбедноста на производниот процес

 

Опремата за реализација на оваа инвестиција е набавена од италијанскиот производител Energy, додека вградувањето, поврзувањето и пуштањето во работа го изведе фирмата Тимел од Скопје.