Технички податоци


Топлификациониот систем на град Скопје функционира централизирано, со пренесување на топлина од изворите (топланите) до корисниците. Топлоносител е хемиски припремена вода која се загрева на одредено температурно ниво и преку дистрибутивната мрежа се испорачува до становите. Преку топлоизменувачи – радијатори, топлинската енергија се пренесува во просториите на крајните корисници.

Извори на топлинска енергија

Изворите на топлинска енергија кои ги користи компанијата ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје ги сочинуваат три топлани и тоа:

  • Топлана Исток, лоцирана во источната индустриска зона на градот, со инсталиран вреловоден капацитет од 279,12 MW (58%) и парен капацитет од 14,81 MW;
  • Топлана Запад, лоцирана во населбата Тавталиџе, со инсталиран вреловоден капацитет од 170,97 MW (36%) и парен капацитет од 11,94 MW;
  • Топлана 11 Октомври, лоцирана во населбата Кисела Вода со инсталиран вреловоден капацитет од 28,21 MW (6%);

Вкупниот активен инсталиран вреловоден капацитет на топлинските извори изнесува 478,3 MW (100%).

image1
Слика 1: Процентуално учество на топлинскиот капацитет на секоја топлана во однос на вкупниот капацитет.

Производните перфоманси на топлинските извори на годишно ниво ги карактеризира:

  • просечно производство на топлинска енергија: 550.000 (MWh);
  • просечнa потрошувачка на природен гас: 60.000.000 (Нм3)
  • просечна потрошувачка на мазут (алтернативно гориво): 50.000.000 (кг)

Видови на активности

Процесот на прозиводство на топлинска енергија се одвива во погоните на топланите каде се сместени котлите за производство на топлинска опрема и целовкупната останата опрема. Компанијата ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје континуирано прави ремонтни активности, обновување на опремата, инвестициски вложувања, се со цел одржување на целокупната опрема во состојба која ќе овозможи извршување како за квалитетна така и безбедна работа. Сите котли во топланите се адаптирани и можат како енергетско гориво да користат природен гас и мазут.

Работењето на компанијата ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје се состои од два периоди:

  • грејна сезона: од 15 октомври (најрано од 01 октомври) до 15 април (најдоцна до 30 април) – период на испорака на топлинска енергија;
  • ремонт: од 16 април до 14 октомври – период на подготовка на системот за работа за следната сезона кога се вршат годишните ремонтни активности и инвестиции.

Грејната сезона е период на испорака на топлинска енергија која се испорачува до крајните корисници (граѓаните на Град Скопје) согласно Правилник за снабдување со топлинска енергија.

Генерално, активностите се состoјат од:

  • оперативно управување на процесот на топлинска енергија во текот на периодот на сезона;
  • отстранувања на дефекти во периодот на сезона, кои овозможуваат непречено одвивање на производството на топлинска енергија;
  • период на подготвеност каде во зависност од временските услови се јавува потреба од активирање на топлинските капацитети;
  • редовен ремонт во месеци од годината во кои не е потребна испорака на топлинска енергија, со цел подготовка на постројките за следната грејна сезона;
  • инвестиции кои оперативно воглавно се одвиваат во ремонтниот период, со цел нивното имплементирање да придонесе за подобрувања и зголемена ефикасност во процесот на производство и работењето;
  • накнадни работи кои директно не влијаат на процесот на производство и нивното извршување обично не зависи од видот и динамиката на извршување на останатите работни активности.

Технологија на работа

Во топлификациониот систем кој го опслужува компанијата ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје , има три извори на топлина (топлани): топлана Исток, топлана Запад и топлана 11 Октомври. За загревање на водата во топланите се користат мембрански вреловодни котли, тип ВКСМ и тип БКГ, производство на ТПК Хрватска. Циркулацијата на водата во котлите се врши по принуден пат, со помош на циркулациони пумпи, кои истовремено служат и за циркулација во дистрибутивната мрежа. Во зависност од потребите, водата во вреловодните котли се загрева до максимални 1600C. Од котлите, по претходно мешање на водата на потребната температура, преку излезниот колектор од топланата загреаната вода се испорачува во дистрибутивната мрежа.

За циркулација на водата во котлите и во дистрибутивната мрежа се користат моќни центрифугални пумпи од различни производители: КСБ-Германија, МЗТ Скопје и ТТК-Хрватска. Обезбедувањето на бараниот притисок заради совладување на отпорите во топланата и дистрибутивната мрежа се врши со со двостепени сериски поврзани пумпи и со директни пумпи. Првостепените пумпи го зголемуваат пртисок до нивото на бараниот притисок во статички режим на работа, додека второстепените пумпи го зголемуваат притисокот до бараниот во динамички режим на работа. Освен двостепените сериски поврзани пумпи, во топлана Запад и топлана Исток има и директни едностепени пумпи кои го постигнуваат бараниот притисок во динамички режим на работа.

Испораката на топлинската енергија од топланите се врши преку 3 излезни колектори, по еден во секоја топлана. Секој колектор е опремен со мерен уред за мерење на топлинска енергија-калориметар. Од излезните колектори, топлинската енергија се испорачува во 9 магистрални водови и тоа 3 од топлана Исток, 5 од топлана Запад и 1 од топлана 11 Октомври. На секој од овие излезни водови има по еден калориметар, според кој се мери испорачаната топлинска енергија од топланата во дистрибутивната мрежа.

За одржување на статичкиот притисок, се користи систем за континуирано додавање вода и одржување на притисокот-диктир систем. Со овој систем, составен од дитир-пумпа и соодветна преструјна и сигурносна арматура, се оневозможува намалување на притисокот кога топланата не работи (статички режим) и празнење на повисоките објекти, што може да биде проблем за квалитетно греење во тие објекти кога топланата работи (динамички режим). Освен тоа, со овој систем се врши континуирано додавање на новоприпремена технолошка вода која се губи во дистрибутивниот систем.

На топлификациониот систем во топлана Исток е поврзан и независен извор на топлина, комбинираната гасна електрана ТЕ-ТО АД каде во когенеративен циклус, покрај електрична, се произведува и топлинска енергија. Топлинската енергија, преку циркулационите пумпи во топланата и излезниот колектор, претходно подесена на потребната температура, се испорачува во дистрибутивната мрежа. На овој начин, топланата Исток, при работа на гасната електрана ТЕ-ТО АД, функционира како вршна топлана која ги покрива вршните потреби од топлинска енергија.
Во топлана Исток и топлана Запад, освен вреловодните котли има и помошни котли, тип BKG-хоризонтални, кои се користат за производство на технолошка пареа. Пареата се користи за деаерација на новоприпремената вода која се користи во технолошкиот процес и нејзино загревање до потребната температура за поматамошно загревање, за греење на мазутот пред согорување, за распрскување на мазутот при согорување на високопритисните горилници и за греење на просториите. Најголем дел од пареата се користи за деаерација на новоприпремената вода при што од неа се одземаат гасовите (O2 и CO2) со цел да се спречи корозија на цевководите. Претходно, сировата вода се омекнува преку јонска измена со јоноизменувачки смоли, каде што се отстрануваат калциумовите и магнезиумовите јони кои ја дефинираат тврдината на водата. Истовремено, со деаерацијата, се врши загревање на новоприпремената вода до температурата која е потребна за циркулација во вреловодните и парните котли. Деаерираната и термички припремена вода се чува во експанзионо напојните резервоари од каде според потребите, автоматски, преку диктир системот, се надополнува изгубената вода во дистрибутивниот систем.

Сите котли во топланите се оспособени да работат на два вида гориво: гасно гориво – придоден гас и течно гориво – мазут.

Природниот гас се носи преку гасоводната цевка од магистралниот гасовод и мерно регулационата станица (МРС), до гасните рампи пред горилниците. Во гасните рампи се врши припрема на гасот на параметрите потребни за согорување.
Мазутот се носи со цистерни до резервоарите за мазут, каде се одржува на температура потребна за негово транспортирање. Од резервоарите, со пумпи се носи до загреачите на мазут каде се догрева на температурата која е потребна за согорување во горилниците.

Котлите во топланите се опремени со два типа горилници: високопритисни и ротациони.

Кај високопритисните горилници распрскувањето на мазутот се врши со помош на пареа, додека кај ротационите, со помош на ротација на мазутот со висок број на вртежи. Горилниците се оспособени со автоматика и потребни уреди за континуирано следење на нивната работа и блокади во случај на неисправност на истите.

За правилно, еколошко и ефикасно согорување, сите котли се опремени со уреди за мерење на кислород во излезните гасови, а секој оџак е опремен со уред за регистрирање на евентуалната зачаденост на излезните гасови. Овие уреди овозможуваат блокада на работата на котлите при евентуално зголемено ниво на чад.

Сите топлани се опремени со автоматски систем за прибирање технолошки параметри од процесот, т.н. аквизиција. Податоците секојдневно се контролираат и обработуваат, со цел понатамошно подобрување на процесот и негово поефикасно функционирање.

Освен тоа, топланите се опремени со системи за детекција на истекување на природен гас, детекција на пожар и систем на цевководи и уреди за противпожарна заштита, како и систем за видео надзор. Овие системи, преку нивното континуирано работење и следење од страна на стручните лица, овозможуваат сигурно и безбедно функцинирање на топланите.

Шема на процесот

principielna-sema-na-procesot-web
Слика 2: Шематски приказ на процесот на производство на топлинска енергија

Заштита на животна средина

Интегрирани еколошки дозволи

Топланите Исток и Запад како индустриски капацитети спаѓаат во групата на големи инсталации за согорување со номинален топлински влез поголем или еднаков на 50 MW кои можат да предизвикаат големи загадувања и бара интегрирано спречување и контрола на загадувањето.

Топлана Исток поседува А – Дозвола за усогласување со оперативен план

Топлана Запад поседува А – Дозвола за усогласување со оперативен план

Топлана 11 Октомври, како инсталација со номинален топлински влез помал од 50 MW подлежи на Б – Дозвoли и истата поседува Б – дозвола за усогласување со оперативен план.

Контрола и намалување на емисиите

Грижата кон животната средина e еден од нашите главни приоритети. Се инвестира во намалување на емисиите во сите медиуми преку воведување на најсовремени технологии.
Сите котловски постројки поседуваат уред за континуирано следење на зачаденоста во продуктите на согорување.
Мониторингот на емисиите и резултатите од истиот редовно се доставуваат до надлежните органи.

При користење на природен гас како погонско гориво емисиите во воздухот се далеку под граничните вредности на емисија (ГВЕ).

Како погонско гориво топланите користат искучиво природен гас. Топлана Запад е целосно гасифицирана во 2013 година. Проектот гасификација се базираше на Најдобрите Достапни Техники при што се набавени ултра low NOx бренери. Со оваа инвестиција драстично се намалија емисиите во воздухот во однос на претходните години.

Нашето работење е во согласност со плановите за редукција на емисии во период 2012-2017. Плановите се изработени во рамките на проектот “Зајакнување на капацитетите за интегрирано спречување и контрола на загадувањето и управување со опасен отпад во Република Македонија” поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка и реализиран од фирмата NorskEnergy од Норвешка како носител на проектот и “Центарот за климатски промени” – Скопје, невладина организација.
Инсталациите топлана Исток и топлана Запад се влезени во рамките на Националниот план за редукција на емисиите (НЕРП) од големите согорувачки инсталации за период 2018-2027 согласно Одлуката на Енергетската заедница за имплементација на одредбите на LCP директивата.

Постапување со отпад

Постапувањето и управувањето со отпадот во инсталациите е во согласност со најновите законски регулативи. Друштвото поседува Лиценциран управител за постапување и управување со отпад.

Секоја година се врши обука на вработените чија работа може да има ефект врз состојбата на животната средина.

Користење на горива

Компанијата ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје како гориво неопходно за добивање на топлинска енергија ги користи енергенсите природен гас и мазут.

Карактеристики на природен гас:

компоненетен состав изразен во [Мол %]: Метан 96,863
Етан 1,628
пропан 0,510
и-Бутан 0,079
н-Бутан 0,080
и-Пентан 0,016
н-Пентан 0,011
Хексан 0,005
Хептан 0,005
Азот 0,712
Јагленород диоксид 0,091
ВКУПНО (нормализирано) 100,00
притисок на гасот [bar]   45,376
температура (средна месечна) [оС]   7,663
густина при 20оС и 1,01325 bar [kg/m3n]   0,689
точка на роса [оС]   -20,901
долна топлинска вредност [kJ/m3n]   34019,377

Карактеристики на природен гас:

калорична вредност – долна [МЈ/kg] 41,10
содржина на сулфур [%m/m] 0,97
содржина на кокс [%m/m] 9,0
содржина на вода, седименти [%в/в] 0,5
содржина на пепел [%] < 0,1
точка на палење [оС] 104,0