РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ХИДРАНТСКАТА МРЕЖА ВО ТОПЛАНА ИСТОК
Хидрантската мрежа во топлана Исток како дел од системот за противпожарна заштита е предвидена за гасење на пожари во топланата каде е сместена опремата за производство на топлинска енергија, резервоарот за мазут и опремата во мазутара и во помошните простории. На редовното годишно испитувања на нејзината функционалност, се утврди дека неколку хидранти не го постигнуваат потребниот притисок на водата за успешно гаснење на евентуален пожар. Ова посебно се однесуваше на хидрантите поставени на горниот кат во топланата каде се поставени хидранти со пена кои без доволен притисок не можат да ја формираат пената. Поради тоа, изработено е проектно решение за надминување на овој проблем. Согласно проектот, се предвиде набавка на специјален систем од противпожарни пумпи, изработка на специјална противпожарна просторија и корекција на дел од хидрантските цевководи.
Направена е нова просторија според сите стандарди за ваков тип објекти, со противпожарни врати и противпожарни зидови и во неа е сместена новата опрема: специјални противпожарни пумпи со автоматика за континуирано одржување на притисок во хидрантската мрежа. Исто така, заменети се дел од постоечките хидрантските цевки со цевки со поголеми димензии, а дел се продолжени до хидрантите кои не беа опфатени со старата инсталација.
Со реализацијата на оваа инвестиција се овозможи:
– оспособување на хидратската мрежа како дел од системот за противпожарна заштита во топланата,
– зголемување на противпожарната заштита на објектите, вработените и околината на топланата,
– зголемување на технолошката безбедност на опремата во топланата и на доверливоста на процесот на производство на топлинска енергија во топланата и
– задоволување на законските обврски за изведба и користење на ваков тип системи за противпожарна заштита.
Противпожарните пумпи и опремата се набавени од реномираната италијанска компанија Калпеда, а монтажата и пуштањето во работа го изведе фирмата Турбоинженеринг од Скопје.
ИНТЕГРИРАЊЕ НА НОВАТА ЕЛЕКТРОПОСТРОЈКА ЗА 10 KV НАПОЈУВАЊЕ ВО ТОПЛАНА ИСТОК КОН SCADA СИСТЕМОТ
Во 2014 година во топлана Исток е направена замена на целокупната опрема преку која топлана Исток се снабдува со електрична енергија на 10KV напонско ниво. Тогаш е набавена современа опрема од греномираниот производител Шнајдер која беше подготвена за интегрирање кон систем за контола и управување (SCADA). Со вградувањето на SCADA во топланата, се создадоа услови за поврзување на 10 KV опремата кон системот. На тој начин се овозможи моментално мониторирање на електричните параметри, управување со постројката и континуирана аквизиција на податоците.
Со оваа инвестиција се постигна значително зголемување на сигурноста и безбедноста на системот и на вработените, а преку далечинското мониторирање и управувње со постројката, се исклучија можностите од несакани последици по непосредните операторите.
Активностите се реализираа од фирмите БИС Инженеринг од Скопје и ИВДАМ од Србија.