Инвестиции во 2017


1. АВТОМАТИЗАЦИЈА И МОДЕРНИЗАЦИЈА НА СИСТЕМОТ ЗА ТЕХНОЛОШКА ВОДА ВО ТО ИСТОК

  

Овој проект е дел од долгорочната определба на компанијата за модернизација и автоматизација на постројките и имплементација на систем за централизирано прибирање на податоци, надзор и управување (SCADA) со опремата и процесите во ТО Исток. Системот за технолошка вода во топланата се состои од повеќе подсистеми: довод на сирова вода од градскиот водовод и бунарите, постројки за филтрирање и омекнување на водата (хемиска подготовка на водата-ХПВ), високовакуумска дегазација на омекнатата вода, складирање на технолошки припремената вода во резервоарите (експанзионен и напоен резервоар).

Со воведувањето на подсистемот за високовакуумска дегазација на водата во 2015 година и имплементирањето на средството за одржување на херметичност на технолошката вода во резервоарите (Герметика), како итна мерка се наметна потребата од воведување на автоматизиран систем за надзор и координација на сите подсистеми. Постоечката застарена опрема беше несоодветна на вградената високософистицирана опрема и технологија и го доведуваше во ризик работењето на целокупниот систем за припрема на технолошка вода. Функционирањето на овој систем е клучен предуслов за доверливо и сигурно производство на топлинска енергија. Затоа, беше дадена предност на модернизација и автоматизирање на овој ситем.

Со реализацијата на овој проект се изврши набавка и монтажа на софистицирани мерни инструменти за одржување на нивото на вода во резервоарите, за регулација на протокот на вода од бунарите, и инструменти и регулатори за полнење/празнење на резервоарите за вода. Во рамките на проектот беа набавени и монтирани нови регали за кабли и кабли за поврзување на сите мерни уреди и регулатори со СКАДА системот и со локалните контролери на подсистемите. Сето ова овозможи координирано работење на бунарите и системот за ХПВ и вакуумска дегазација на водата како и автоматизирано префрлање на вода од едниот во другиот резервоар и координирано работење на системот за одржување на притисок во дистрибутивната мрежа.

Имплементацијата на овој проект и негово поврзување со СКАДА системот доведе до зголемување на доверливоста на процесот за припрема на технолошка вода, а преку него и на целокупното производство на топлинска енергија од топланата, зголемување на ефикасноста и безбедноста на процесот преку намалување на влијанието на човечкиот фактор кој целосно ќе биде отстранет по модернизирањето и автоматизирање на подсистемот за ХПВ.

 

  

2. МОДЕРНИЗАЦИЈА И АВТОМАТИЗАЦИЈА НА ВРЕЛОВОДЕН КОТЕЛ ВКСМ 40/2 ВО ТО ИСТОК

Овој проект е дел од долгорочната определба на компанијата за модернизација и автоматизација на на постројките и имплементација на систем за централизирано прибирање на податоци, надзор и управување со опремата и процесите (SCADA). Вреловодните котли се најважните постројки во процесот на производство на топлинска енергија и со оваа инвестиција за модернизација и автоматизација на котелот ВКСМ 40/2, повеќе од половината од производниот капацитет на топлана Исток е модернизиран и управуван преку SCADA системот.

Имплементацијата на овој проект опфаќа набавка и монтажа на нова примарна опрема (вентили и електромоторни погони) кои го опслужуваат котелот, мерни инструменти, кабли и регали за кабли и нивно поврзување со SCADA системот. Во рамките на овој проект се набавени и нови пневматски вентили за далечинско одмуљување на котлите, со што се оневозможи влијанието на човечкиот фактор во секојдневниот процес на одмуљување и овозможи зголемување на ефикасноста и безбедноста на процесот и на непосредните извршители.Сета опрема е набавена од реномирани производители: Endress + Hauser, Krom Schroder, AUMA, ABO Valves, Wika, Obo Bettermann, Lapp kabel и др. Набавената мерна опрема е соодветно сертифицирана за работа во котларници кои користат природен гас, со двојни и тројни мерења во заштитните кругови со што е постигнато високо ниво на доверливост и безбедност на работата на котлите, а изведбата на кабловските регали и водењето на каблите е направена согласно стандардите за овој вид на инсталации (каблите со различно напонско ниво се водат во различни регали).

Со реализацијата на оваа инвестиција, се модернизира примарната опрема и мерните уреди на котелот и се овозможи автоматската и автономна работа на котелот преку имплементација на SCADA системот. Со тоа се постигна минимален удел на човечкиот фактор во управувањето со постројката, работа на котелот во подрачје на висока ефикасност и заштеда на гориво, што директно влијае на намалување на трошоци за греење кај крајните корисници.

  

  

3. ДЕКОНТАМИНАЦИЈА НА ПОСТОЕЧКИ И НАБАВКА НА НОВИ ТРАНСФОРМАТОРИ

Реализацијата на овој проект е иницирана за исполнување на барањето од Законот за управување со отпад (СВ бр. 68/04) според кој до крајот на 2017 година беше задолжително да се изврши деконтаминација на сите трансформатори чие трансформаторско масло содржи Полихлорирани Бифенили (ПХБ). Од извршената контрола на сите трансформатори во топланите, потврдено е постоење на ПХБ контаминенти во шест трансформатори. Во текот на ремонтниот период, во сервисот на Раде Кончар е направена деконтаминација на шесте трансформатори, а успешноста е потврдена во независна лабораторија.  На четири трансформатори дополнително е извршен комплетен сервис и тие се оспособени за понатамошна употреба. Останатите два трансформатори, поради нивната технолошка амортизираност и старост над 35 години, не се сервисирани за понатамошна употреба, извадени се од употреба и расходувани. На нивно место се набавени два нови трансформатори.

Освен деконтаминацијата на шесте трансформатори, Производство на топлина Балкан Енерџи ги отстрани сите компензаторски батерии кои исто така беа контаминирани со ПХБ и на нивно место набави нови кои веднаш ги стави во употреба. Демонтираните компензаторски батерии беа предадени на овластена компанија за отстранување на ваков вид отпад.

Со реализацијата на оваа инвестиција Производство на топлина Балкан Енерџи, како општествено одговорна компанија, ги исполни своите обврски од Законот за управување со отпад во однос на постапувањето со ПХБ контаминенти. Освен тоа, сервисирањето на четирите и набавката на два нови трансформатори, ја зголеми доверливоста на снабдувањето на топланите со електрична енергија и ја зголеми безбедноста на извршителите, а ги намали трошоците за одржување на овој тип опрема.

 

4. РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ЕЛЕКТРОПОСТРОЈКИТЕ ЗА СНАБДУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА НА ТОПЛАНА ИСТОК СО НАПОНСКО НИВО ОД 0.4 KV

Овој проект претставува долгорочна определба на компанијата за модернизација на опремата и процесите во топланите. Инвестицијата е реализирана по принципот “клуч на рака” и опфаќа демонтажа на посточката опрема и несоодветните кабли и кабловски регали, набавка и монтажа на нова опрема, кабли и регали за кабли и пуштање во работа. Согласно проектот за проширување на капацитетот на пумпната станица со кој е предвидена набавка и монтажа на две нови циркулациони пумпи со моќност од по 250 KW, со оваа инвестиција е извршено проширување на капацитетот на електропостројките од 0,4 KV со две нови келии. Во рамките на проектот се направени и градежно реконструктивни зафати во двете простории каде е сместена електроопрема и поставен е подигнат изолациоен под.

Набавената опрема е од најновата генерација на овој тип на опрема од реномираниот производител Schneider Еlectric.

Новата опрема е компатибилна за поврзување со постоечкиот систем за централизирано прибирање на податоци, надзор и управување (SCADA) во ТО Исток.

Целта на овој проект е да се зголеми надежноста, функционалноста и безбедноста на електроопремата со напонско ниво од 0,4 KV, а посредно и на надежноста и функционалноста на процесот на производство и испорака на топлинска енергија од топлана Исток.