Производство на топлина Балкан Енерџи посветува големо внимание на развојните проекти што треба да доведат до зголемување на доверливоста и безбедноста на производниот процес, подобрување на ефикасноста и унапредување и заштитата на животната средина. Поради тоа, стратешка развојна цел на компанијата е реализација на проектите за модернизација и автоматизацијата на постројките, подобрување не енергетската ефикасност на постројките и технолошките процеси и модернизација на опремата за согорување со цел намалување на емисиите на штетни материи во воздухот.
Долгорочна развојна определба на компанијата е целосна модернизација и автоматизација на процесот за производство на топлинска енергија. Во изминатиот период е реализирана набавка на потребната хардверска опрема за СКАДА за двете топлани од реномираниот производител Емерсон (САД) и пуштена во работа. Досега кон СКАДА системот се поврзани и целосно автоматизирани 5 котли во топланите, системот за производство на технолошка вода, електропостројката за довод на 10 КВ, електропостројката за 0,4 КВ. Во наредниот период се планира завршување со развојните проекти за модернизација и автоматизација на уште 4 котли, пумпите станици во топланите и 6 КВ електропосторјките.
Компанијата интензивно работи на развојни проекти за зголемување на енергетската ефикасност на топланите преку примена на нови технологии (систем за вакуумска дегазација на технолошката вода, технологија на топлински пумпи), нова опрема (енергетски ефикасни економајзери, утилизатори на излезните гасови, високоефикасни пумпи) и вградување на стандардна опрема за енергетска ефикасност (фреквентни регулатори, лед осветлување, термичка изолација).
Во поглед на заштита на животната средина, компанијата благовремено аплицираше и се здоби со А-дозволи за усогласување со оперативен план за двете топлани. Според националниот план за редукција на емисиите, компанијата треба да го намали нивото на емисија на излезните гасови од согорувањето до 2027 година. Согласно развојниот план на компанијата, досега е реализирана редукцијата на емисиите во 70% од производниот капацитет во топлана Запад, а во наредните години до 2027 година ќе се реализира целосно во двете топлани.