Топлификациониот систем на град Скопје функционира централизирано, со пренесување на топлина од изворите (топланите) до корисниците. Топлоносител е хемиски припремена вода која се загрева на одредено температурно ниво и преку дистрибутивната мрежа се испорачува до становите. Преку топлоизменувачи – радијатори, топлинската енергија се пренесува во просториите на крајните корисници.
Извори на топлинска енергија
Изворите на топлинска енергија кои ги користи компанијата ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје ги сочинуваат три топлани и тоа:
- Топлана Исток, лоцирана во источната индустриска зона на градот, со инсталиран вреловоден капацитет од 279,12 MW (58%) и парен капацитет од 14,81 MW;
- Топлана Запад, лоцирана во населбата Тавталиџе, со инсталиран вреловоден капацитет од 170,97 MW (36%) и парен капацитет од 11,94 MW;
- Топлана 11 Октомври, лоцирана во населбата Кисела Вода со инсталиран вреловоден капацитет од 28,21 MW (6%);
Вкупниот активен инсталиран вреловоден капацитет на топлинските извори изнесува 478,3 MW (100%).
Слика 1: Процентуално учество на топлинскиот капацитет на секоја топлана во однос на вкупниот капацитет.
Производните перфоманси на топлинските извори на годишно ниво ги карактеризира:
- просечно производство на топлинска енергија: 550.000 (MWh);
- просечнa потрошувачка на природен гас: 60.000.000 (Нм3)
Технологија на работа
За загревање на водата во топланите се користат мембрански вреловодни котли, тип ВКСМ и тип БКГ, производство на ТПК Хрватска. Циркулацијата на водата во котлите се врши по принуден пат, со помош на циркулациони пумпи, кои истовремено служат и за циркулација во дистрибутивната мрежа. Во зависност од потребите, водата во вреловодните котли се загрева до максимални 1600C. Од котлите, по претходно мешање на водата на потребната температура, преку излезниот колектор од топланата загреаната вода се испорачува во дистрибутивната мрежа.
За циркулација на водата во котлите и во дистрибутивната мрежа се користат моќни центрифугални пумпи од различни производители: КСБ-Германија, МЗТ Скопје и ТТК-Хрватска. Обезбедувањето на бараниот притисок заради совладување на отпорите во топланата и дистрибутивната мрежа се врши со двостепени сериски поврзани пумпи и со директни пумпи. Првостепените пумпи го зголемуваат пртисокот до нивото на бараниот притисок во статички режим на работа, додека второстепените пумпи го зголемуваат притисокот до бараниот во динамички режим на работа. Освен двостепените сериски поврзани пумпи, во топлана Запад и топлана Исток има и директни едностепени пумпи кои го постигнуваат бараниот притисок во динамички режим на работа.
Испораката на топлинската енергија од топланите се врши преку 3 излезни колектори, по еден во секоја топлана. Секој колектор е опремен со мерен уред за мерење на топлинска енергија-калориметар. Од излезните колектори, топлинската енергија се испорачува во 9 магистрални водови и тоа 3 од топлана Исток, 5 од топлана Запад и 1 од топлана 11 Октомври. На секој од овие излезни водови има по еден калориметар, според кој се мери испорачаната топлинска енергија од топланата во дистрибутивната мрежа.
За одржување на статичкиот притисок, се користи систем за континуирано додавање вода и одржување на притисокот-диктир систем. Со овој систем, составен од дитир-пумпа и соодветна преструјна и сигурносна арматура, се оневозможува намалување на притисокот кога топланата не работи (статички режим) и празнење на повисоките објекти, што може да биде проблем за квалитетно греење во тие објекти кога топланата работи (динамички режим). Освен тоа, со овој систем се врши континуирано додавање на новоприпремена технолошка вода која се губи во дистрибутивниот систем.
Сите котли во топланите се оспособени да работат на гасното гориво – природен гас.
Природниот гас се носи преку гасоводната цевка од магистралниот гасовод и мерно регулационата станица (МРС), до гасните рампи пред горилниците. Во гасните рампи се врши припрема на гасот на параметрите потребни за согорување.
Сите топлани се опремени со автоматски систем за прибирање технолошки параметри од процесот, т.н. аквизиција. Податоците секојдневно се контролираат и обработуваат, со цел понатамошно подобрување на процесот и негово поефикасно функционирање.
Освен тоа, топланите се опремени со системи за детекција на истекување на природен гас, детекција на пожар и систем на цевководи и уреди за противпожарна заштита, како и систем за видео надзор. Овие системи, преку нивното континуирано работење и следење од страна на стручните лица, овозможуваат сигурно и безбедно функцинирање на топланите.
Шема на процесот
Слика 2: Шематски приказ на процесот на производство на топлинска енергија
Гориво кое се користи во процесот
Компанијата ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје како гориво неопходно за добивање на топлинска енергија гo користи енергенсот природен гас.
Карактеристики на природен гас:
компоненетен состав изразен во [Мол %]: | Метан | 96,863 |
Етан | 1,628 | |
пропан | 0,510 | |
и-Бутан | 0,079 | |
н-Бутан | 0,080 | |
и-Пентан | 0,016 | |
н-Пентан | 0,011 | |
Хексан | 0,005 | |
Хептан | 0,005 | |
Азот | 0,712 | |
Јагленород диоксид | 0,091 | |
ВКУПНО (нормализирано) | 100,00 | |
притисок на гасот [bar] | 45,376 | |
температура (средна месечна) [оС] | 7,663 | |
густина при 20оС и 1,01325 bar [kg/m3n] | 0,689 | |
точка на роса [оС] | -20,901 | |
долна топлинска вредност [kJ/m3n] | 34019,377 |
Активности
Процесот на производство на топлинска енергија се одвива во погоните на топланите каде се сместени котлите за производство на топлинска енергија и останата опрема. Компанијата ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје континуирано прави ремонтни активности, обновување на опремата, инвестициски вложувања, се со цел одржување на целокупната опрема во состојба која ќе овозможи извршување на своите обврски за сигурно, безбедно, континуирано и квалитетно производство на топлинска енергија.
Активностите на компанијата ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје се одвиваат во два годишни периоди:
- грејна сезона: од 15 октомври(најрано од 01 октомври) до 15 април (најдоцна до 30 април) – период на производство и испорака на топлинска енергија;
- ремонтни активности: од 16 април до 14 октомври– период на подготовка на системот за работа за следната сезона кога се вршат годишните ремонтни активности и инвестициски вложувања.