Во топлификациониот систем кој го опслужува компанијата ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје , има три извори на топлина (топлани): топлана Исток, топлана Запад и топлана 11 Октомври. За загревање на водата во топланите се користат мембрански вреловодни котли тип ВКСМ и блок котли тип БКГ, производство на ТПК Хрватска. Циркулацијата на водата во котлите се врши по принуден пат, со помош на циркулациони пумпи, кои истовремено служат и за циркулација на водата во дистрибутивната мрежа. Во зависност од потребите, водата во вреловодните котли се загрева до максимални 1600Ц. Од котлите, по претходно мешање на потребната температура, загреаната вода, преку излезниот колектор од топланата се испорачува во дистрибутивната мрежа.
За циркулација на водата во котлите и во дистрибутивната мрежа се користат моќни центрифугални пумпи од различни производители: КСБ-Германија, МЗТ Скопје и ТТК-Хрватска. Обезбедувањето на бараниот притисок заради совладување на отпорите во топланата и дистрибутивната мрежа се врши со двостепени сериски поврзани пумпи и со директни пумпи. Првостепените пумпи го зголемуваат пртисок до нивото на бараниот притисок во статички режим на работа, додека второстепените пумпи го зголемуваат притисокот до бараниот во динамички режим на работа. Освен двостепените сериски поврзани пумпи, во топлана Запад и топлана 11 Октомври има и директни едностепени пумпи кои го постигнуваат бараниот притисок во динамички режим на работа.
Испораката на топлинската енергија од топланите се врши преку 3 излезни колектори, по еден во секоја топлана. Секој колектор е опремен со мерен уред за мерење на топлинска енергија-калориметар. Од излезните колектори, топлинската енергија се испорачува во 9 магистрални водови и тоа 3 од топлана Исток, 5 од топлана Запад и 1 од топлана 11 Октомври. На секој од овие излезни водови има по еден калориметар со кој се мери испорачаната топлинска енергија од топланата во дистрибутивната мрежа.
За одржување на статичкиот притисок, се користи систем за континуирано додавање вода и одржување на притисокот-диктир систем. Со овој систем, составен од дитир-пумпа и соодветна преструјна и сигурносна арматура, се спречува намалување на притисокот кога топланата не работи (статички режим) и празнење на повисоките објекти, што може да биде проблем за квалитетно греење во тие објекти кога топланата работи (динамички режим). Освен тоа, со овој систем се врши континуирано додавање на новоприпремена технолошка вода која се губи во дистрибутивниот систем.
Технолошката вода која се користи во процесот на производство на топлинска енергија и со која се пренесува енергијата до крајните корисници, се омекнува преку јонска измена со јоноизменувачки смоли, каде што се отстрануваат калциумовите и магнезиумовите јони кои ја дефинираат тврдината на водата. Потоа, во во високовакуумската постројката за деаерација, се одземаат гасовите (најмногу O2 и CO2) заради спречување на цевководите. Омекнатата и деаерирана вода се чува во експанзионо напојните резервоари од каде според потребите, автоматски, преку диктир системот, се надополнува изгубената вода во дистрибутивниот систем. Освен со високовакуумска постројка, деаерацијата на водата може да се врши и со помош на технолошка пареа.
На топлификациониот систем во топлана Исток е поврзан и независен извор на топлина, комбинираната гасна термоелектрана ТЕ-ТО АД каде во когенеративен циклус, покрај електрична, се произведува и топлинска енергија. Топлинската енергија, преку циркулационите пумпи во топланата и излезниот колектор, претходно подесена на потребната температура, се испорачува во дистрибутивната мрежа. На овој начин, топланата Исток, при работа на термоелектраната ТЕ-ТО АД, функционира како вршна топлана која ги покрива вршните потреби од топлинска енергија.
Во топлана Исток и топлана Запад, освен вреловодните котли, инсталирани се и помошни котли за производство на технолошка пареа. Пареата може да се употребува за деаерација на водата која се користи во процесот за производство, за греење на мазутот пред согорување и за распрскување на мазутот при согорување на високопритисните горилници.
Сите котли во топланите се оспособени да согоруваат два вида гориво: гасно гориво – природен гас и течно гориво – мазут.
Природниот гас се носи преку гасоводната цевка од магистралниот гасовод и мерно регулационата станица (МРС), до гасните рампи пред горилниците. Во гасните рампи се врши припрема на гасот на параметрите потребни за согорување.
Мазутот се носи со цистерни до резервоарите за мазут, каде се одржува на температура потребна за негово транспортирање. Од резервоарите, со пумпи се носи до загреачите на мазут каде се догрева на температурата која е потребна за согорување во горилниците.
Котлите во топланите се опремени со два типа горилници: високопритисни и ротациони.
Кај високопритисните горилници распрскувањето на мазутот се врши со помош на пареа, додека кај ротационите, со помош на ротација на мазутот со висок број на вртежи. Горилниците се оспособени со автоматика и потребни уреди за континуирано следење на нивната работа и блокади во случај на неисправност на истите.
За правилно, еколошко и ефикасно согорување, сите котли се опремени со уреди за мерење на кислород во излезните гасови, а секој оџак е опремен со уред за регистрирање на евентуалната зачаденост на излезните гасови. Овие уреди овозможуваат блокада на работата на котлите при евентуално зголемено ниво на чад при согорување на мазут.
Топланите Исток и Запад како индустриски капацитети спаѓаат во групата на големи инсталации за согорување со номинален топлински влез поголем или еднаков на 50 MW кои можат да предизвикаат големи загадувања и бара интегрирано спречување и контрола на загадувањето.
Топлана Исток поседува А – Дозвола за усогласување со оперативен план
Топлана Запад поседува А – Дозвола за усогласување со оперативен план
Топлана 11 Октомври, како инсталација со номинален топлински влез помал од 50 MW подлежи на Б -Дозвoли и истата поседува Б – дозвола за усогласување со оперативен план.
Сите топлани се опремени со автоматски систем за прибирање технолошки параметри од процесот, т.н. аквизиција. Податоците секојдневно се контролираат и обработуваат, со цел понатамошно подобрување на процесот и негово поефикасно функционирање.
Освен тоа, топланите се опремени со системи за детекција на истекување на природен гас, детекција на пожар и систем на цевководи и уреди за противпожарна заштита, како и систем за видео надзор. Овие системи, преку нивното континуирано работење и следење од страна на стручните лица, овозможуваат сигурно и безбедно функцинирање на топланите.