Од утре, 15-ти октомври, започнува грејната сезона 2020/2021
Компанијата Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје е целосно подготвена за сигурно, безбедно и континуирано производство на топлинска енергија во претстојната грејна сезона 2020/2021. Согласно деловните и оперативните планови, реализирани се сите планирани инвестиции, како и неопходните ремонти и подготовки на системот за централно греење. Топланите каде се произведува топлинската енергија се целосно гасифицирани и автоматизирани, што значи дека централното греење e клучен фактор за решавање на аерозагадувањето во градот Скопје.
Од 15 октомври 2020 година ќе започне регулираниот период за редовна испорака на топлинска енергија, кој вообичаено трае, сѐ до 15 април следната година. Во рамките на овој период, испораката на топлинска енергија се врши од 06:00 часот до 22:00 часот, по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите, одобрена од Регулаторната Комисија за Енергетика на Република Македонија.
Доколку надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. При одредени атмосферски услови на доволно топло време, кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува. При испораката на топлинска енергија се обезбедува оптимална потрошувачкa на топлинска енергија на страната на потрошувачите, со минимални трошоци за греење. Сите детали за испораката на топлинска енергија од Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, како регулиран производител, се дефинирани во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, Анекс 3.